Македонија
Дознај прв
ЗОШТО БОЖИЌНИОТ ПОСТ ТРАЕ ТОЧНО 40 ДЕНА? Бројот има длабока духовна симболика
Божиќниот пост трае 40 дена како духовна подготовка за Рождеството Христово. Дознајте што симболизира бројот 40 и како верниците треба да го поминат постот.

Божиќниот пост трае 40 дена и претставува период на духовна подготовка за празникот Рождество Христово – Божик. Бројот 40 не е случаен, туку во Светото писмо е поврзан со духовното очистување, молитвата и подготовката за големи настани. Мојсеј постел 40 дена пред да ги прими Божјите заповеди, пророкот Илија 40 дена патувал до гората Хорив, а Господ Исус Христос постел 40 дена во пустината пред да започне со својата проповедничка служба.
Духовната симболика на бројот 40
Свети Симеон Солунски ја објаснува смислата на Божиќниот пост преку примерот на Мојсеј, кој по четириесетдневниот пост го примил Словото Божјо, напишано на камените плочи. На сличен начин, верниците преку постот се подготвуваат да Го пречекаат воплотениот Логос Божји – Господ Исус Христос. Овој период не е само воздржување од одредена храна, туку време за молитва, смирение и духовно преиспитување.
Што треба да правиме во тек на пост?
Во овие 40 дена верниците се повикуваат да им простуваат на оние кон кои чувствуваат огорченост, да посветуваат повеќе време на молитвата и да им помагаат на луѓето на кои им е потребна поддршка. Важно е да се воздржуваат од осудување и празни разговори, а кон ближните да покажуваат повеќе трпение, внимание и љубов. Како што мудреците Му принесоа злато, темјан и смирна на новородениот Спасител, така духовниот дар на верниците треба да бидат чистото срце, искрената молитва и милосрдието. Целта на Божиќниот пост е преку духовно очистување и смирение верниците достојно да го дочекаат Христовото раѓање.

