Скопје
Дознај прв
СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ ЌЕ ФОРМИРААТ КОМИСИИ: Граѓаните ќе можат да ги пријават штетите од невремето
Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од силното невреме, соопшти Орце Ѓорѓиевски.

Ќе се врши процена на пријавените штети
Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од силното невреме, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по координативниот состанок со скопските градоначалници и Кризниот штаб. На состанокот биле сумирани последиците од невремето, кое со удари на ветерот до 130 километри на час предизвика паднати дрвја, оштетени возила, покриви, фасади, електрични водови и приватен имот.
Ѓорѓиевски оцени дека станува збор за временска непогода од размери какви што Скопје не памети со децении. Во координација со Владата ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што, согласно законските процедури, треба да започне постапка за поддршка на граѓаните при санација на оштетените објекти за домување.
Најавени засилени инспекциски контроли
Градоначалниците договориле општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да спроведат засилени контроли. Ќе бидат проверувани објектите на кои биле оштетени покривните конструкции, со цел да се утврдат причините за оштетувањата и начинот на нивното одржување.
Ѓорѓиевски соопшти дека сите расположливи капацитети се ставени во функција за справување со последиците од невремето. Тој им се заблагодари на екипите на јавните претпријатија и на Противпожарната бригада на Град Скопје, кои ги расчистувале главните сообраќајници, тротоарите и паднатите дрвја во текот на целата ноќ. Надлежните најавуваат дека работата на терен ќе продолжи сè додека не бидат санирани последиците и обезбедена целосна безбедност за граѓаните.

