Македонија
Дознај прв
КРАЖБА ТЕШКА ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРАЧЕВО: Целосно уништена железничка подстаница
Во подстаницата Драчево биле превртени два трансформатори тешки над 30 тони и украдени бакарни компоненти, а штетата се проценува на пет милиони евра.

Во електровлечната подстаница Драчево е извршена кражба од огромни размери, при што е уништен значаен дел од железничката инфраструктура, а првичната материјална штета се проценува на околу пет милиони евра.
Превртени два трансформатори тешки над 30 тони
Крадците насилно превртеле два електроенергетски трансформатори, од кои секој тежи повеќе од 30 тони, го испуштиле и истуриле трансформаторското масло, а потоа ги извадиле и украле бакарните намотки и другите вредни компоненти. Од подстаницата биле украдени и бакарни жици, шини и прачки, како и речиси сите уреди неопходни за нејзиното функционирање. Објектот, кој се наоѓа меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, поради огромното оштетување е целосно нефункционален.
Тежок напад врз железничката инфраструктура
Од МЖ Инфраструктура посочуваат дека не станува збор само за кражба на бакар и опрема, туку за тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и државниот имот. Оттаму предупредуваат дека ваквото уништување може да предизвика сериозни последици врз безбедноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај. Надлежните институции се повикани итно да ги пронајдат сторителите, како и сите лица вклучени во транспортот и продажбата на украдените материјали.
