Македонија
Дознај прв
ОВЧАТА СИПАНИЦА СЕ ШИРИ: Македонија побара донација на вакцини од ЕУ и Турција
АХВ побара донација на вакцини против овчата сипаница од Европската комисија и Турција. Се чека одговор пред почетокот на вакцинацијата.

Се чека одговор за вакцинацијата
Агенцијата за храна и ветеринарство доставила информација до Европската комисија и Турција за можноста за донација на вакцини против овчата сипаница. Од АХВ и Министерството за земјоделство информираат дека експертската група континуирано ја следи состојбата и носи мерки за спречување на ширењето на болеста. Дополнително, повторно е побарана помош од EUVET тимот на Европската комисија. По добивањето одговор за вакцинацијата, ќе се изврши тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што би започнал процесот на вакцинација. Дотогаш, надлежните ја применуваат стратегијата „stamping out“, односно отстранување на заразените и изложените животни.
Сточарите предупредени да не вакцинираат самостојно
Од АХВ предупредуваат дека секоја вакцинација на сопствен трошок без претходно одобрение од Агенцијата ќе биде санкционирана, а за таквите животни нема да се исплаќа компензација. Истото се однесува и на ветеринарните друштва кои би вршеле незаконска вакцинација. Надлежните ги повикуваат сточарите навремено да ги пријавуваат сите сомнителни случаи и да соработуваат со официјалните ветеринари при спроведувањето на мерките. АХВ воедно демантира дел од наводите за несоодветно постапување со одземените овци и кози во Соколарци, посочувајќи дека при нивното отстранување и закопување биле применети биосигурносни мерки.
