Свет
Дознај прв
СКОКНА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Новата ескалација меѓу САД и Иран ги потресе пазарите
Цените на нафтата пораснаа за речиси два отсто по американскиот напад врз иранскиот остров Ларак во Ормускиот теснец.

Цените на нафтата денеска пораснаа за речиси два отсто по американскиот напад врз иранскиот остров Ларак во Ормускиот теснец. Цената на барел сурова нафта „Брент“ се зголеми за 1,77 долари, односно два отсто, достигнувајќи 89,87 долари, додека американската нафта WTI поскапе за 1,45 долари и достигна 84,85 долари. Американските сили го извршија нападот во неделата, по што Иран возврати со напад врз две американски воздухопловни бази во Јордан.
Ормускиот теснец повторно во центарот
Преговорите за прекин на конфликтот се во застој, додека посредниците се обидуваат повторно да го отворат Ормускиот теснец, низ кој пред почетокот на војната минувала околу една петтина од светското производство на нафта. Бројот на трговски бродови што минале низ теснецот во текот на викендот паднал на само пет дневно, што покажува дека компаниите се воздржани поради страв од нови напади.
Иран негира напад врз клучниот енергетски центар
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека иранскиот остров Харк, важен енергетски центар, бил „разнесен“, но засега нема докази дека тој бил нападнат. Иран ги негираше тврдењата и соопшти дека производството и извозот на нафта се одвиваат без прекин.
