Свет
Дознај прв
ФРАНЦИЈА ГО ОБВИНИ ИРАН ЗА КИБЕР-НАПАДИ ВРЗ СУПЕРМАРКЕТИ: Хакери ги покачиле температурите во фрижидерите, расипана храна за милиони евра
Хакери ги презеле системите за ладење во повеќе од 280 француски супермаркети и предизвикале расипување храна. Франција најавува европски санкции против одговорните.

Франција го обвини Иран дека стои зад кибер-нападите врз системите за ладење во супермаркетите, кои предизвикале штета од милиони евра поради расипување на свежа и замрзната храна. Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, изјави дека нападите ги извршила иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГГ). Нападот се случил на 11 октомври, кога хакери презеле контрола врз софтверот за регулирање на температурата во системите за ладење. Погодени биле повеќе од 280 супермаркети низ Франција.
Хакерите ја зголемиле температурата во фрижидерите во супермаркети
Со преземањето на контролата врз системите, напаѓачите ја зголемиле температурата во фрижидерите и замрзнувачите, поради што биле расипани големи количества храна. Минатата недела слични напади биле регистрирани и во десетици супермаркети во уште седум европски земји. Засега не е утврдено дали сите инциденти се дел од истата операција.
Франција најавува европски санкции
Баро најави дека Франција ќе се заложи за воведување санкции на европско ниво против одговорните за нападите. Париското обвинителство отворило истрага против раководителот на иранската сајбер-единица „Шахид Каве“ и двајца негови заменици. Единицата е поврзана со центарот за електронски и кибер-операции на Исламската револуционерна гарда.

