Македонија

НОВ БРАН НАВРЕДИ ОД СОФИЈА ПО СЛУЧАЈОТ МИХАИЛОВА: Трифонов го негира македонскиот идентитет, Каракачанов бара замрзнување на евроинтеграциите

Слави Трифонов го негира македонскиот идентитет, Красимир Каракачанов бара замрзнување на евроинтеграциите, а бугарски партии се противат на екстрадицијата на Ива Михаилова.

НОВ БРАН НАВРЕДИ ОД СОФИЈА ПО СЛУЧАЈОТ МИХАИЛОВА: Трифонов го негира македонскиот идентитет, Каракачанов бара замрзнување на евроинтеграциите

Случајот со Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, предизвика нов бран остри националистички пораки од бугарски политичари. Откако Македонија распиша меѓународна потерница по нејзиното бегство во Бугарија, дел од политичките претставници во соседната земја упатија навреди кон македонските власти и го оспорија македонскиот национален идентитет, пренесува Експрес.

Трифонов го негира македонскиот идентитет и најавува дека Михаилова нема да биде предадена

Лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов, упати пораки со кои го оспори правото на Македонците на сопствен национален идентитет. Во објавата тој ги нарече Македонците „Северномакедонци“, тврдејќи дека тие се Бугари и дека, порано или подоцна, ќе се претопат.

„Навистина ми се повраќа од овие патетични искомплексирани луѓе, кои се крадци на бугарската историја“, напиша Трифонов, критикувајќи ги македонските политичари.

Тој исто така порача дека Бугарија нема да ја предаде Михаилова, наведувајќи дека не верува оти постои бугарски функционер што би го направил тоа.

Каракачанов ги навредува македонските власти, ВМРО-БНД бара замрзнување на евроинтеграциите

Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, во настап на телевизијата „Бугарија он ер“ на 13 октомври изјави дека Скопје со години ја клевети Бугарија и дека нема доверба во македонските политичари.

Каракачанов ги нарече македонските власти измамници, а премиерот Христијан Мицкоски го нападна со лична навреда.

Партијата ВМРО-БНД, предводена од Каракачанов, на 14 октомври побара целосно замрзнување на разговорите за европската интеграција на Македонија. Во соопштението побара бугарските институции да ги отфрлат македонските барања за екстрадиција и судска соработка.

„Нема преговори, нема укинување на ветото под никаков притисок, додека Скопје не стави крај на својот физички, административен и судски терор врз македонските Бугари“, се наведува во партиската реакција.

„Преродба“ се противи на екстрадицијата, Бугарија го потврди приемот на барањето

И ултрадесничарската партија „Преродба“ се спротивстави на екстрадицијата на Михаилова. Пратеникот Коста Стојанов, обраќајќи се од собраниската говорница, ја обвини Македонија за политичко лицемерие и го спореди случајот со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Стојанов тврдеше дека е лицемерно да се критикува Бугарија поради случајот со Михаилова, а истовремено, според неговите зборови, да се занемаруваат случаите поврзани со Груевски. Партијата побара бугарската влада да не ја екстрадира Михаилова и да ѝ обезбеди правна, дипломатска и конзуларна заштита.

Ива Михаилова има македонско и бугарско државјанство и е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. По нејзиното бегство во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври ѝ определи притвор. Истиот ден Министерството за внатрешни работи распиша централна и меѓународна потерница и преку Интерпол испрати барање до Бугарија за нејзино апсење и екстрадиција.

Бугарското Министерство за внатрешни работи потврди дека го примило барањето, но соопшти дека нема да преземе мерки за нејзино лоцирање, повикувајќи се на уставните одредби и можноста за одбивање екстрадиција на сопствен државјанин.