Дознај прв
АЛАРМ ВО ГОСТИВАР: Водата од градскиот водовод да не се користи ниту по превривање
ИЈЗ предупредува дека водата од гостиварскиот водовод не е безбедна за пиење, подготовка на храна и друга домашна употреба.

Институтот за јавно здравје повторно ги предупреди жителите на Гостивар дека водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење и подготовка на храна сѐ додека официјално не биде укината забраната.
Од ИЈЗ нагласуваат дека водата не треба да се пие ниту по превривање, освен доколку надлежните институции не дадат поинаква препорака. Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули издаде забрана за употреба поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна.
Да се користи исклучиво флаширана вода
Граѓаните се повикуваат да користат фабрички пакувана вода за пиење, подготовка на храна, кафе, чај, сокови и мраз, како и за миење овошје и зеленчук што се јадат свежи.
Вода од водоводот не треба да се користи ниту за подготовка на храна за доенчиња, додека за миење заби треба да се употребува исклучиво безбедна, флаширана вода. ИЈЗ препорачува да се обезбедат најмалку четири литри вода по лице дневно.
Посебно внимание за најранливите граѓани
Најголемо внимание треба да се посвети на доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со хронични заболувања или ослабен имунитет, кои имаат поголем ризик од потешки последици при цревни инфекции.
Доколку се појават дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост или знаци на дехидратација, граѓаните треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа.
Рестораните, кафулињата, градинките и другите објекти, исто така, не треба да користат вода од водоводот за подготовка на храна, пијалаци или мраз. Водата повторно ќе може да се користи само по официјална потврда од надлежните институции дека е безбедна.
