Македонија
Дознај прв
АРТАН ГРУБИ КОНЕЧНО ДОБИ ОБВИНЕНИЕ: Обвинети уште седум лица за злоупотреби со Државна лотарија

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами и уште шест лица за злоупотреби поврзани со работењето на Лотаријата. Сите осуммина се обвинети како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Обвинителството, со дејствијата преземени во текот на 2023 и 2024 година на Државна лотарија ѝ била нанесена штета од 507.632.173 денари. Обвинителството тврди дека обвинетите ги пречекориле своите овластувања при постапката за самостојно приредување електронски игри на среќа и набавката на видеолотариски терминали.
За Груби е побарано продолжување на куќниот притвор, како и мерката за одземање на патната исправа и забрана за издавање нов документ за преминување на границата. За Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот, е побаран 30-дневен притвор кој би се применил по неговото пронаоѓање. Обвинението доаѓа само неколку дена пред истекот на рокот по кој можеше да се отвори прашањето за укинување на куќниот притвор на Груби.
