Македонија

„Безбеден град“ не е за повеќе казни, туку за помалку прекршоци и спасени животи

„Безбеден град“ има цел да придонесе за помалку сообраќајни прекршоци и незгоди преку поефикасна и пообјективна контрола на сообраќајот.

„Безбеден град“ не е за повеќе казни, туку за помалку прекршоци и спасени животи

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Министерството за внатрешни работи и општинските совети за безбедност на сообраќајот, започна превентивна кампања посветена на системот „Безбеден град“. Кампањата има цел да ги информира возачите и останатите учесници во сообраќајот за функционирањето на системот, прекршоците што ги регистрира и обврските за оние што ќе бидат евидентирани.

Поефикасна и пообјективна контрола

Од РСБСП посочуваат дека „Безбеден град“ треба да овозможи поефикасна, пообјективна и понеселективна контрола на сообраќајот, со поголема примена на современи техничко-технолошки решенија. Системот засега регистрира повеќе видови прекршоци, меѓу кои пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, а неговиот опфат во иднина може дополнително да се проширува.

Целта се помалку прекршоци и незгоди

Според РСБСП, употребата на технологијата треба да го намали влијанието на човечкиот фактор при откривањето и документирањето на прекршоците и да обезбеди поголема објективност. Од Советот нагласуваат дека целта не е санкционирање на што поголем број возачи, туку намалување на прекршоците и сообраќајните незгоди и спасување на човечки животи.

Кампањата ќе има и практичен дел, па на граничните премини при влез во земјава возачите, вклучително и оние со странски регистарски ознаки, ќе добиваат информации и едукативни материјали за системот и правилата што треба да ги почитуваат. Од РСБСП порачуваат дека „Безбеден град“ не треба да биде причина за внимателно возење само поради можноста за санкција, туку потсетник дека одговорното однесување во сообраќајот е лична и општествена обврска.