Македонија

МВР ПРЕДУПРЕДУВА ЗА ОПАСНАТА ГРУПА „764“: Деца се мета на уцени, закани и онлајн манипулации

МВР предупредува за опасната онлајн група „764“, која таргетира деца со манипулации и уцени. Родителите се повикуваат да ги препознаат знаците и да пријават сомнеж.

МВР ПРЕДУПРЕДУВА ЗА ОПАСНАТА ГРУПА „764“: Деца се мета на уцени, закани и онлајн манипулации

Министерството за внатрешни работи упати апел до родителите, старателите и наставниците да бидат особено внимателни поради појавата на онлајн групата „764“, чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица. Според МВР, станува збор за насилна онлајн заедница во која жртвите се манипулираат, заплашуваат и уценуваат за да бидат принудени на опасни дејствија. За сериозноста на заканата предупредува и американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое групата ја поврзува со пошироки насилни екстремистички заедници.

Како функционира групата и кои се предупредувачките знаци?

Членовите воспоставуваат контакт преку социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри, меѓу кои Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat и Minecraft. Најчесто се претставуваат како врсници или лица заинтересирани за пријателство, а откако ќе ја стекнат довербата на децата, започнуваат со закани и уцени за добивање интимни фотографии и видеоснимки или принудување на самоповредување и насилство. МВР ги предупредува родителите да внимаваат на ненадејно повлекување, страв, вознемиреност, таинственост при користење на телефоните, комуникација со непознати лица и евентуални знаци на самоповредување.

МВР бара сомнителните активности да се пријавуваат

Од Министерството советуваат родителите редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет и да ги едуцираат за опасностите од споделување лични податоци, лозинки и интимни содржини. Децата треба да знаат дека можат да побараат помош без страв и чувство на вина доколку некој ги уценува или заплашува. Секој сомнеж или сознание за активности поврзани со групата „764“ може да се пријави во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР, на адресата cybercrime@moi.gov.mk. Од МВР советуваат да се зачуваат пораките, корисничките имиња и линковите, да не се влегува во конфронтација со осомничените лица и да не се преземаат или препраќаат експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници.

ОЗНАКИ: мвр
Жан Митрев