Македонија
Дознај прв
БИТОЛА ПОВТОРНО ВО ЦЕНТАРОТ НА ФИЛМСКАТА УМЕТНОСТ: Свечено отворен 47. ИФФК „Браќа Манаки“
Свечено отворено 47. издание на „Браќа Манаки“ во Битола, со повеќе од 80 филмови, светски кинематографери и доделени фестивалски награди.

Фестивалот „Браќа Манаки“ започна со проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“
Со свечена церемонија синоќа во Битола беше отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Фестивалот, посветен на уметноста и работата на кинематограферите, повторно ги собра во Битола врвните светски имиња од филмската индустрија. Свеченото отворање беше проследено со музички перформанс и проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума.
Дан Лаустсен со „Златната камера 300“ за животно дело
Лауреат на наградата „Златна камера 300“ за животно дело е кинематограферот Дан Лаустсен, додека „Специјална Златна камера 300“ му припадна на Џеф Кроненвет. Актерот Петре Арсовски е овогодишниот добитник на признанието „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Лаустсен на свеченоста истакна дека тимската работа и почитта кон другите се важен дел од неговата работа и уметноста на создавањето филмови.
Повеќе од 80 филмови во седумдневната фестивалска програма
Во рамки на седумдневното фестивалско издание ќе бидат прикажани 84 филмови во седум селекции, а програмата опфаќа и мастер-класови и работилници. Низ Битола во текот на фестивалот ќе поминат повеќе од 1.000 филмски работници, лауреати и гости од целиот свет. Фестивалот ќе трае до 25 септември, кога ќе биде затворен со дебитантскиот филм на Срѓан Јанаќијевиќ „Нема да ви се верува што се случи претходно“.

