Македонија

BLACK FRIDAY ПОД ЛУПА НА ИНСПЕКТОРИТЕ: Над 40 екипи ќе проверуваат дали попустите се вистински

Над 40 екипи на Државниот пазарен инспекторат ќе проверуваат дали попустите за Black Friday се реални. Организацијата на потрошувачите советува внимателно купување.

BLACK FRIDAY ПОД ЛУПА НА ИНСПЕКТОРИТЕ: Над 40 екипи ќе проверуваат дали попустите се вистински

Утре во Македонија почнува големата шопинг-кампања за „Black Friday“, а над 40 инспекциски екипи на Државниот пазарен инспекторат ќе проверуваат дали најавените попусти се реални или станува збор за манипулација со цените. Телевизиските, радио и рекламите на социјалните мрежи веќе ги преплавија јавните простори, но годинава трговците ќе бидат под засилен надзор. Инспекторите ќе ја проверуваат последната најниска цена на производите во претходните 30 дена, со цел да се спречат лажни намалувања и доведување на потрошувачите во заблуда.

Инспекторите ќе проверуваат дали попустите се реални

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека целта е да се спречат нечесни трговски практики и да се заштитат економските интереси на потрошувачите. „Ја гледаме последната најниска цена во 30-те дена откако објавиле попуст, за да не може да се манипулира со цената. Доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејства како инспекторат нема да дозволиме да се случи“, посочуваат од Инспекторатот. Дел од граѓаните велат дека во минатото биле сведоци на покачување на цените пред „Black Friday“, за потоа производите да се рекламираат со попуст, иако реално биле на истата или дури и повисока цена.

Потрошувачите да ги следат цените и пред големите попусти

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија советуваат граѓаните да ги следат цените најмалку 20 до 30 дена пред купувањето и да ја проверуваат конкретната цена, а не само процентот на намалување. Татјана Тасевска предупредува дека особено внимателни треба да бидат оние што купуваат преку социјалните мрежи и непроверени интернет-страници, каде често нема јасни податоци за трговецот, ниту фискална сметка или фактура. Таа потсетува дека и производите купени на попуст подлежат на законска заштита доколку имаат недостаток или проблем. „Black Friday“ потекнува од САД, каде од 90-тите години е познат по масовните распродажби, а глобален шопинг-феномен станува околу 2010 година, додека во Македонија е популарен во последните осум години.

ОЗНАКИ: black firday
Жан Митрев