Регион
Дознај прв
БУГАРИЈА УТРЕ ИЗБИРА ПРЕТСЕДАТЕЛ: Јотова и Ѓуров во неизвесен втор круг, во сенка на војната во Украина
Бугарија утре гласа во вториот круг од претседателските избори. Илијана Јотова и Андреј Ѓуров влегуваат во завршната изборна пресметка.

Бугарија утре, 1 ноември, ќе го одржи вториот круг од претседателските избори, на кој граѓаните ќе избираат меѓу Илијана Јотова и поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров. Во првиот круг, одржан на 25 октомври, Јотова освои 34,76 проценти од гласовите, додека Ѓуров доби 31,95 проценти, покажуваат конечните резултати на Централната изборна комисија. Излезноста беше 22,98 проценти, односно гласале околу 1,5 милиони од вкупно 6,58 милиони граѓани со право на глас. Денеска во земјата е изборен молк, а утре ќе биде познат новиот претседател, кој ќе добие петгодишен мандат.
Војната во Украина и односите со Русија во фокусот
Кампањата беше обележана со различните ставови на кандидатите за војната во Украина, односите со Москва и безбедноста во Црното Море. Јотова се залага за дипломатско решение на конфликтот и подобрување на односите со Русија, додека Ѓуров ја нагласува поддршката за Украина и соработката со западните партнери. Дополнителна загриженост предизвикаа и нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
Зошто претседателските избори се важни во Бугарија?
Иако бугарскиот претседател нема извршни овластувања како премиерот, функцијата има значајна улога во политичкиот систем. Шефот на државата ја претставува Бугарија во меѓународните односи, може да стави вето на законите и учествува во консултациите за формирање влада кога партиите не можат да постигнат договор. Победник во вториот круг ќе биде кандидатот со повеќе освоени гласови, без оглед на излезноста.
