Регион

ЈОТОВА И ЃУРОВ СО ИСТА ПОЗИЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА: Разликите се околу тоа кој ги има заслугите за францускиот предлог

Кандидатите за претседател на Бугарија, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров, во дебата потврдија дека нема отстапување од бугарската позиција за Македонија и францускиот предлог.

ЈОТОВА И ЃУРОВ СО ИСТА ПОЗИЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА: Разликите се околу тоа кој ги има заслугите за францускиот предлог

Бугарија в недела ќе избира нов претседател, а кандидатите Илијана Јотова и Андреј Ѓуров во телевизиска дебата потврдија дека немаат разлики во однос на позицијата кон Македонија. И двајцата се залагаат за спроведување на веќе договореното, вклучително и внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав како услов за продолжување на преговорите со Европската Унија. Разликите меѓу нив се однесуваа главно на тоа кој има поголеми заслуги за францускиот предлог, кој стана дел од европската преговарачка рамка. Од дебатата произлезе порака дека Софија не планира да отстапи од досегашната позиција кон Скопје.

Јотова: Нема да отстапиме ниту сантиметар

Јотова порача дека Бугарија ќе продолжи да инсистира договорот и европските политики да бидат исполнети. Таа го спомена и поранешниот премиер Кирил Петков, обвинувајќи го дека во неговиот мандат бугарската позиција била доведена во прашање, а заслуга за спречување на тоа му припиша на тогашниот претседател Румен Радев. Според неа, Македонија прави обиди да стави настрана одредени протоколи, но Софија нема да се откаже од веќе договореното.

Ѓуров: Францускиот договор ги заштити бугарските интереси

Андреј Ѓуров, пак, оцени дека владата на Кирил Петков успеала бугарската позиција да ја претвори во заедничка европска позиција и преку францускиот предлог да обезбеди внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Тој ја критикуваше претседателската институција дека во изминатите години не работела доволно за остварување на договореното, туку се занимавала со напади врз владата. Претседателските избори во Бугарија ќе се одржат во недела, кога граѓаните ќе одлучуваат меѓу Јотова и Ѓуров.