Дознај прв
СУДОТ ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ПАСОШИТЕ НА ДЕВЕТМИНА ОСОМНИЧЕНИ: Уапсен и сопственикот на „Санте Плус“, Ден Дончев не е во државата
Деветтемина осомничени во аферата „Санте Плус“ добија мерки на претпазливост, уапсен е сопственикот Билал Кара, а Ден Дончев не е во државата.

Уапсен и сопственикот на „Санте Плус“
Деветтемина осомничени во аферата со Фондот за здравствено осигурување и очната болница „Санте Плус“ добија мерки на претпазливост, откако Кривичниот суд го прифати предлогот на ОЈО ГОКК. На осомничените им се одземени пасошите и им е одредена обврска редовно да се јавуваат во судот. Доцна синоќа бил уапсен и сопственикот на „Санте Плус“, турскиот бизнисмен Билал Кара, кој се товари за перење пари и други приноси од казниво дело. Според информациите на Канал 5, поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев, во чие време бил потпишан спорниот договор, не се наоѓа во земјава.
Кара се бара и во Албанија, болницата продолжува со работа
Билал Кара им е познат на органите на прогонот и во регионот, а Албанија од лани го бара со потерница поради сомнежи за повеќе кривични дела. Меѓу наводите се непријавување приходи од околу еден милион евра преку клиниката „International Medicare“, поранешна „Санте Плус“, како и користење лекови со истечен рок и нелегално внесени медицински препарати. Според медиумски извештаи од Косово, и во клиниката „Санте Плус“ во Приштина биле утврдени сериозни прекршувања, вклучително и работење без лиценца.
Штетата за ФЗО се проценува на 1,7 милиони евра
Според пријавата, очната болница во Скопје оштетила меѓу 3.000 и 4.000 пациенти, наплаќајќи им за операции за кои истовремено добивала средства и од Фондот. Со спорниот договор, буџетот бил оштетен за 1,7 милиони евра, додека приватната болница се стекнала со противправна корист од речиси 4,5 милиони евра. И покрај истрагата, болницата денеска работела вообичаено, а во холот имало пациенти кои доаѓале на прегледи и закажувале операции. Екипата на Канал 5 побарала одговори од менаџментот, но до објавувањето на информацијата не добила одговор.
