Економија
Дознај прв
(ВИДЕО – ГОЛЕМИ РЕДИЦИ) НАРОДНАТА БАНКА НА СРБИЈА ЈА ЗАТВОРИ АЛТА БАНКА: Одземена дозволата за работа на мнозинскиот сопственик на АЛТА банка Битола
Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка од Белград поради проблеми со ликвидноста. Банката е мнозински сопственик на АЛТА банка Битола.

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка од Белград, поради значително влошување на финансиската состојба и ризик за средствата на штедачите. Одлуката била донесена по спроведени контролни активности, кои покажале сериозни проблеми со ликвидноста на банката и опасност од нејзино дополнително влошување. Од српската централна банка соопштија дека мерката е преземена согласно Законот за банки, со цел заштита на клиентите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем. АЛТА банка е дел од деловната групација АЛТА, која е мнозински сопственик и на поранешната Стопанска банка Битола, денес АЛТА банка АД Битола. Соопштението за одземањето на дозволата било објавено ноќеска, меѓу 2 и 3 часот по полноќ.
Што ќе се случи со парите на штедачите?
Агенцијата за осигурување депозити, со судска одлука, ќе биде назначена за стечаен управник на банката. Според најавите, во рок од седум работни дена треба да започне исплатата на осигурените депозити и располагањето со средствата на клиентите, согласно законските прописи.
АЛТА банка е поврзана и со банкарскиот сектор во Македонија
Овој случај има значење и за македонскиот банкарски сектор, бидејќи АЛТА банка од Белград е мнозински сопственик на АЛТА банка АД Битола. Станува збор за поранешната Стопанска банка Битола, која по промената на сопственоста продолжи да работи под новото име.
