Дознај прв
ДЕМОГРАФСКИ АЛАРМ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА: Во Зрновци се родиле само девет бебиња, а починале 37 лица
Во 60 македонски општини во 2025 година имало повеќе починати отколку родени. Зрновци има највисока стапка на природен пад, а загрижува и Берово.

Во 60 од вкупно 80 општини во Македонија во текот на 2025 година биле регистрирани повеќе починати отколку живородени деца, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Особено загрижувачка е состојбата во помалите општини, каде природниот пад е висок и во однос на бројот на жители. Највисока стапка на природен пад има Зрновци, а негативен демографски биланс бележат и Берово, Делчево и Кочани.
Зрновци со највисока стапка на природен пад
Во Зрновци минатата година се родиле само девет бебиња, додека починале 37 лица, што значи природен пад од 28 жители, односно 14,1 на 1.000 жители. Во Берово биле регистрирани 47 живородени деца и 174 починати, односно 127 лица повеќе починале отколку што се родиле. Неповолна е состојбата и во Лозово, каде имало осум родени и 35 починати, како и во Ново Село, со 77 лица повеќе починати отколку родени.
Негативниот биланс расте и во Кочани
Во Кочани во 2025 година се родиле 213 деца, а починале 446 лица, што претставува природен пад од 233 жители. Загрижува и споредбата со 2015 година, кога природниот пад во оваа општина изнесувал 24 лица. Во Берово, пак, бројот на новородени се намалил од 116 во 2015 година на само 47 минатата година, додека бројот на починати останал ист – 174. На ниво на државата биле регистрирани 15.850 живородени деца и 20.287 починати лица, односно природен пад од 4.437 жители.

