Регион

ЦРНА ГОРА ЗАТВОРИ 23 ОД 33 ПОГЛАВЈА: Договорот за членство во ЕУ се очекува во јуни

Црна Гора затвори две нови преговарачки поглавја и сега има 23 од вкупно 33. Премиерот Спајиќ очекува договорот за членство во ЕУ да биде потпишан во јуни.

ЦРНА ГОРА ЗАТВОРИ 23 ОД 33 ПОГЛАВЈА: Договорот за членство во ЕУ се очекува во јуни

Црна Гора затвори уште две преговарачки поглавја во пристапните преговори со Европската Унија, со што вкупниот број привремено затворени поглавја достигна 23 од вкупно 33. Станува збор за поглавјата 1 – Слобода на движење на стоки и 12 – Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Со оваа динамика, земјата се приближува кон завршување на преговорите, а црногорската влада очекува преостанатите поглавја да бидат затворени до крајот на годината. Премиерот Милојко Спајиќ очекува договорот за пристапување кон ЕУ да биде потпишан во јуни следната година.

Нов напредок на европскиот пат

Двете поглавја беа затворени на меѓувладината конференција меѓу Црна Гора и Европската Унија во Брисел, каде што црногорската делегација ја предводеше Спајиќ. Тој изјави дека затворањето на поглавјата 1 и 12 претставува продолжување на резултатите на европскиот пат и порача дека реформите ќе продолжат со фокус на владеењето на правото и силните институции.

Црна Гора останува најнапредна во преговорите со ЕУ

Со 23 привремено затворени поглавја, на Црна Гора ѝ остануваат уште десет до крајот на преговорите. Владата и европските институции најавуваат интензивирање на процесот во наредниот период, со цел исполнување на поставените рокови. Спајиќ порача дека резултатите од реформите се видливи и дека фокусот останува на подобар животен стандард за граѓаните.

Жан Митрев