Магазин

ДЕНЕСКА СЕ ПРАЗНУВА СВЕТА НЕДЕЛА: Светицата која останала непоколеблива во верата

Православните христијани денеска го празнуваат споменот на Светата великомаченичка Недела, симбол на силна вера, храброст и истрајност.

ДЕНЕСКА СЕ ПРАЗНУВА СВЕТА НЕДЕЛА: Светицата која останала непоколеблива во верата

Денеска, 20 јули, православните христијани го празнуваат споменот на Светата великомаченичка Недела, која се смета за пример на силна вера, храброст и истрајност.

Живот посветен на христијанската вера

Света Недела живеела во времето на римските цареви Диоклецијан и Максимијан. Таа била единствено дете на побожните христијани Доротеј и Евсевија, кои долго време се молеле да добијат потомство.

Уште од детството се посветила на Бога, а кога пораснала ги одбила многубројните понуди за брак, истакнувајќи дека својот живот му го посветила на Христос.

По пријава од еден од одбиените просци, таа и нејзините родители биле обвинети дека се христијани. Света Недела била изведена пред властите, но и покрај прогоните не се откажала од својата вера.

Симбол на храброст и истрајност

Според црковното предание, Света Недела останала непоколеблива и во најтешките моменти. Нејзината истрајност поттикнала голем број луѓе да ја прифатат христијанската вера.

Пред крајот на својот земен живот, таа се помолила за сите што ќе го почитуваат и слават нејзиниот спомен. Починала во 289 година во Никомидија и била вброена меѓу големите христијански маченици.