Македонија
Дознај прв
ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА ВО ГОСТИВАР: Дневно се регистрираат до 300 нови пациенти
Во Гостивар е прогласена епидемија, а дневно се регистрираат од 250 до 300 заболени. Се чекаат анализите за причината за труењето.

Прогласена епидемија во Гостивар
Во Гостивар е прогласена епидемија поради наглото зголемување на бројот на граѓани со стомачни тегоби. Министерот за здравство Сашко Клековски изјави дека трендот на новопријавени случаи не опаѓа. Според неговите информации, дневно се регистрираат меѓу 250 и 300 нови пациенти. Најголемиот дел од заболените имаат симптоми на гастроентероколит.
Над 350 прегледи за едно деноноќие
Во периодот од 18 јули во 08 часот до 19 јули во 08 часот, на Инфективното одделение во гостиварската болница биле прегледани 204 пациенти, а три лица биле хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле извршени 140 прегледи, од кои 105 биле нови, а 35 контролни. Дополнително, девет пациенти биле прегледани во Ургентниот центар. Од Министерството за здравство информираат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани останува низок.
Се чека утврдување на причината
Причината за масовното заболување сè уште не е утврдена, а надлежните институции продолжуваат со епидемиолошки и лабораториски испитувања. Се очекува анализите на примероците од водата да помогнат во утврдувањето на изворот на епидемијата, додека граѓаните се повикуваат да соработуваат при епидемиолошките анкети.
