Македонија

(ФОТОГАЛЕРИЈА) 26 ЈУЛИ 1963 – ДЕНОТ ШТО СКОПЈЕ НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ЗАБОРАВИ

На 26 јули 1963 година, во 5:17 часот, разорен земјотрес го погоди Скопје. Загинаа 1.070 лица, а градот подоцна стана симбол на светската солидарност.

(ФОТОГАЛЕРИЈА) 26 ЈУЛИ 1963 – ДЕНОТ ШТО СКОПЈЕ НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ЗАБОРАВИ

26 јули 1963 во 5:17 – моментот што остана врежан во историјата

На денешен ден, 26 јули, Скопје се сеќава на една од најголемите трагедии во својата историја. Во 5 часот и 17 минути наутро, во 1963 година, силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер го погоди главниот град и за само дваесетина секунди остави зад себе огромни последици.

Во катастрофата животот го загубија 1.070 луѓе, повеќе од 3.000 беа повредени, а околу 200.000 жители останаа без покрив над главата. Уништени или сериозно оштетени беа голем број домови, училишта, болници и јавни објекти, а околу 80 проценти од градот претрпе штети.

Од трагедија до симбол на светска солидарност

По катастрофата, помош пристигна од десетици држави од целиот свет. Благодарение на невидената меѓународна солидарност, Скопје започна ново поглавје и стана познато како „град на солидарноста“. Во обновата учествуваа бројни земји, организации и архитекти, кои помогнаа градот повторно да заживее.

И денес, точно во 5:17 часот, Скопје се потсетува на жртвите, на хероите кои спасуваа животи и на единството што произлезе од една од најтешките страници во неговата историја.