Македонија
Дознај прв
ЈАНЕВСКА ТВРДИ ДЕКА УКИМ ИМА СТРУЈА: „Факултетите не треба да стравуваат од повторно исклучување“
Весна Јаневска тврди дека УКИМ има електрична енергија и дека факултетите не треба да стравуваат од ново исклучување. ЛиДеМ бара одговорност за долгот.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и Ректоратот имаат електрична енергија и дека нема причина да стравуваат од повторно исклучување. Таа потврди дека постојат долгови за електрична енергија, но посочи дека обврските редовно се сервисираат. „Вчера, во ‘Службен весник’ излезе ребалансот на буџетот, долговите редовно ги сервисираме“, изјави Јаневска.
Факултетите вчера останаа без електрична енергија
Неколку факултети при УКИМ и зградата на Ректоратот вчера останаа без струја поради неплатени сметки. По неколку часа снабдувањето беше нормализирано, а според медиумските информации, на институциите им бил даден рок до петок да го подмират долгот.
ЛиДеМ бара одговорност за натрупаниот долг
Реакција за случајот упати и Либерално-демократската младина (ЛиДеМ), оценувајќи дека ваквата ситуација е срамна и дека го покажува односот на државата кон образованието и младите. Организацијата бара итно подмирување на обврските, но и јавно објаснување од министерката Јаневска и Министерството за тоа како се натрупал долгот и кој ќе сноси одговорност. Од ЛиДеМ посочуваат дека додека се зборува за модернизација, дигитализација и европска иднина, студентите и професорите се соочуваат со основното прашање дали ќе имаат струја за непречено одржување на наставата.

