Македонија
Дознај прв
„Јас сум Македонец и жалам што не можам да говорам бугарски бидејќи не го знам вашиот јазик” Годишнина од раѓањето на Васил Антевски – Дрен
На 28 октомври 1904 година е роден Васил Антевски – Дрен, револуционерот кој пред воениот суд го бранеше правото на македонскиот народ на слобода.

На денешен ден, 28 октомври 1904 година, во селото Оморани, велешко, е роден Васил Антевски – Дрен, македонски револуционер и адвокат кој до последниот момент се борел за слободата на својот народ. По Првата светска војна, како дете заминал во Франција, каде што учел во колеџот „Клод Бернар“, а подоцна се вратил во Македонија и го продолжил образованието во Велес и Белград. Во 1941 година станал член на Комунистичката партија на Југославија и се вклучил во Скопскиот партизански одред, каде што го добил прекарот Дрен.
Од обвинет до обвинител во судницата
По неуспешниот обид да се поврзе со Прилепскиот партизански одред, Антевски бил уапсен и подложен на сурови измачувања. Во април 1942 година бил изведен пред Воениот суд во Скопје, каде што одбил да зборува на бугарски јазик и побарал да се обраќа на француски. Наместо да се брани само од обвиненијата, тој го искористил судењето за да го истакне правото на македонскиот народ на национална и социјална слобода. Пред судиите изјавил дека на обвинителните клупи не седат предавници, туку борци за слободата на Македонија. Неговото достоинствено држење и сведоштвата за измачувањата во затворот ја претвориле судницата во место на отворен отпор.
Дрен oсуден на смрт, но остана симбол на отпорот
На 9 мај 1942 година, од вкупно 45 обвинети, 19 биле осудени на смрт, меѓу нив и Васил Антевски – Дрен, со казна бесење. По неколку месеци поминати во скопскиот затвор, бил префрлен во Софија, каде што бил егзекутиран во ноќта меѓу 18 и 19 август 1942 година. Според описот во биографскиот роман „Дрен“ на писателот Димитар Солев, револуционерот до последниот момент одбивал да ја наведне главата пред смртта. Неговата борба и денес се паметат како сведоштво за решителноста и пожртвуваноста во борбата за македонската слобода.
