Магазин

КАКО ДА ЈА РАЗЛАДИТЕ КОЛАТА: Оваа заштита ја намалува температурата за 10 степени

Тест на АДАК покажува дека надворешната прекривка може да ја намали температурата во автомобилот за 10 степени и да спречи опасно загревање.

КАКО ДА ЈА РАЗЛАДИТЕ КОЛАТА: Оваа заштита ја намалува температурата за 10 степени

Автомобил оставен на директно сонце може за само половина час да достигне температура повисока од 50 степени. Тест на германскиот автомобилски клуб АДАК покажал дека со правилна заштита температурата во кабината може да се намали за десет степени. Во испитувањето биле користени седум исти автомобили, оставени околу четири часа на пладневно сонце. Незаштитениот автомобил се загреал до 53 степени, додека возилото покриено со прекривка преку прозорците и покривот достигнало 43 степени.

Надворешната заштита е поефикасна

Рефлектирачката заштита поставена од надворешната страна на ветробранското стакло ја задржала температурата на 45 степени, односно осум степени пониско. Истата заштита поставена од внатрешната страна ја намалила температурата за само четири степени. Надворешната варијанта е поефикасна бидејќи ги одбива сончевите зраци пред тие да поминат низ стаклото.

Прво отворете ги вратите и прозорците

Пред тргнување се препорачува да се отворат вратите и прозорците за да излезе најжешкиот воздух, а потоа да се вклучи климатизацијата. Малку подотворените прозорци додека автомобилот е паркиран имаат ограничен ефект и не го спречуваат опасното загревање. Воланот, контролната табла, металните делови од ремените и детските седишта можат да достигнат температура и до 80 степени. Деца и животни никогаш не треба да се оставаат во паркиран автомобил, дури ни накратко и со подотворени прозорци.