Хроника
Дознај прв
КОЧАНЧАНЕЦ ОСУДЕН ЗА ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА: доби 3,5 години затвор за транспорт кон Србија
Кочанчанец е осуден на три и пол години затвор откако признал вина за учество во шверц на марихуана од Македонија кон Србија.

Признал вина и се согласил со казната
Основниот кривичен суд Скопје го осуди кочанчанецот Д.С. на три години и шест месеци затвор за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Пресудата е донесена врз основа на предлог-спогодба со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, откако обвинетиот ја признал одговорноста и се согласил со предложената казна. Според пресудата, Д.С. бил дел од организирана криминална група која од 2025 година до јануари 2026 година учествувала во набавка, складирање и транспорт на марихуана од Македонија кон Србија. Дрогата, според обвинението, била наменета за понатамошна продажба. Во рамки на истрагата во Србија биле запленети повеќе од пет тони марихуана.
Запленети и килограми канабис и екстракт од масло
При претрес во простории на правно лице во Скопје биле пронајдени 9,635 килограми сув цвет од канабис, како и повеќе од 1.300 шишиња и канистри со непречистен екстракт од масло од канабис. Судот утврдил дека Д.С. сторил кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а при одредувањето на казната биле земени предвид повеќе околности. Покрај тежината на делото и признанието на одговорноста, судот го зел предвид и фактот дека обвинетиот претходно не бил осудуван и против него не се водела друга кривична постапка. Ова е првата пресуда во случајот поврзан со организираната група и шверцот на марихуана кон Србија.
