Регион

КОС: Црна Гора е најнапредна земја на патот кон членство во Европската Унија

Марта Кос оцени дека Црна Гора е најнапредната земја кандидат за членство во ЕУ, со 18 затворени од вкупно 33 преговарачки поглавја.

КОС: Црна Гора е најнапредна земја на патот кон членство во Европската Унија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека Црна Гора е најнапредната земја меѓу кандидатите што во моментов преговараат за членство во Европската Унија. Таа го нарече 14 јули „супервторник“ за европското проширување, бидејќи првпат по повеќе од две децении во ист ден се одржаа пристапни конференции со четири земји кандидати – Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија.

Четири држави бележат напредок

Кос посочи дека сите четири држави прават значителни чекори на европскиот пат, но Црна Гора ја издвои како лидер во процесот. Според неа, Украина и Молдавија го отвораат Кластерот 6, кој ги опфаќа надворешната политика, одбраната и безбедноста, додека Албанија ги затвора своите први преговарачки поглавја.

Еврокомесарката порача дека сегашниот моментум мора да биде преточен во конкретни резултати и нагласи дека понатамошниот напредок ќе зависи од исполнувањето на условите за членство.

Црна Гора влегува во завршната фаза

На меѓувладината конференција со Европската Унија, Црна Гора треба да ги затвори Поглавјето 8, кое се однесува на конкуренцијата, и Поглавјето 29 за царинската унија. Со тоа, земјата ќе има затворено 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја и ќе продолжи да се приближува кон завршната фаза на пристапните преговори.

Жан Митрев