Македонија

КОС ОД СКОПЈЕ СО ЈАСНА ПОРАКА: Нема гаранции за Македонија на патот кон ЕУ

Кос во Скопје порача дека Македонија, како и секоја земја-кандидат, не може да добие гаранции дека нема да се појави нов спор во процесот кон ЕУ.

КОС ОД СКОПЈЕ СО ЈАСНА ПОРАКА: Нема гаранции за Македонија на патот кон ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, во пресрет на посетата на Скопје, порача дека Европската Унија не може да даде гаранции дека во текот на пристапниот процес нема да се појави нов спор за Македонија.

Според Кос, такви гаранции досега не добила ниту една земја-кандидат за членство во ЕУ. Таа нагласи дека процесот на проширување функционира така што секоја земја-членка има улога сè до последната ратификација на договорот за пристапување.

„Ниту една земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување, сè до моментот кога последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување“, порача Кос во интервју за МИА, пренесе Сител.

Кос истакна дека напредокот кон ЕУ зависи од довербата меѓу земјите-кандидати и земјите-членки, но и од исполнувањето на преземените обврски. Според неа, добрососедските односи се еден од клучните елементи за градење доверба во процесот.

Нејзината порака доаѓа во период кога Македонија бара уверувања дека по исполнувањето на обврските нема да следуваат нови билатерални условувања. Кос, пак, посочи дека ова е реалноста на европското проширување и дека земјата треба да продолжи со реформите и пристапниот процес.

Истовремено, еврокомесарката оцени дека Македонија покажала добри резултати во рамки на реформската агенда и дека нејзината посета на Скопје има цел да ја охрабри Владата да продолжи во таа насока.