Македонија

КОС ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ: Со членство во ЕУ ќе добиете многу повеќе пари

Кос и Мицкоски разговараа за европскиот пат, уставните измени и реформите, а еврокомесарката порача дека членството во ЕУ носи повеќе пари.

КОС ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ: Со членство во ЕУ ќе добиете многу повеќе пари

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, порача дека Македонија мора да ги направи уставните измени со внесување на Бугарите како малцинство, за да го продолжи патот кон Европската Унија.

Кос истакна дека земјата покажува напредок во реформската агенда и дека Европската Унија ја поздравува зголемената посветеност на Владата во тој процес. Сепак, според неа, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходен следен чекор за формално започнување на пристапните преговори.

Таа порача дека членството во ЕУ носи многу поголеми придобивки и како пример ја посочи Црна Гора, за која рече дека како идна членка би добила трипати повеќе средства од финансиската помош на ЕУ.

„Имате ваше место во Европската Унија како полноправна земја членка и дозволете ни да работиме заедно“, порача Кос на прес-конференцијата во Владата.

На новинарско прашање за гаранциите, Кос повтори дека Европската Унија не може однапред да дава гаранции и дека процесот се темели на доверба, обврски, посветеност и нивно исполнување. Таа додаде дека нема конкретен рецепт за градење доверба со соседите, но дека колку повеќе доверба има, толку полесно се напредува низ пристапниот процес.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека очекува европската интеграција да остане процес заснован на јасни критериуми, вредности и реформски обврски, а не процес оптоварен со билатерални прашања.

Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на европскиот пат и дека во моментов нема друга опција или „план Б“, туку единствена опција е членство во Европската Унија.