Македонија
Дознај прв
НОЌНА ДРАМА КАЈ МАТКА: Пронајден изгубен романски државјанин во близина на пештерата Врело
ЦУК и МВР пронајдоа романски државјанин кој се изгубил кај пештерата Врело на Матка. Тој бил испаничен, но во стабилна состојба.

Изгубен турист кај Матка
Странски државјанин од Романија бил успешно пронајден рано утрово, откако се изгубил при самостојно движење во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело. Тој побарал помош преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 21:55 часот, по што веднаш била организирана потрага.
Локацијата била утврдена преку координатите од повикот
Операторите на Центарот за управување со кризи останале во постојана комуникација со изгубениот турист и ја утврдиле неговата приближна локација преку координатите и податоците од повикот. Му било кажано да остане на истото место бидејќи ноќта, дезориентацијата и непристапниот терен можеле дополнително да ја отежнат ситуацијата.
Спасувачите пристигнале преку Националниот парк „Јасен“
Во потрагата се вклучиле екипи на МВР од ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК. Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до локацијата пристигнала преку Националниот парк „Јасен“. Романскиот државјанин бил пронајден во 03:45 часот, видно испаничен и дезориентиран, но во стабилна здравствена состојба. Потоа бил пренесен во Полициската станица Сарај, каде што биле преземени дополнителни мерки.
