Македонија

ОДЗЕМЕНИ РЕЧИСИ 2 ТОНИ МЕСО: Вонредни контроли во Радовиш и Пепелиште

АХВ одзеде околу два тони небезбедно месо во Радовиш и 50 килограми месни производи во Пепелиште по вонредни инспекциски контроли.

ОДЗЕМЕНИ РЕЧИСИ 2 ТОНИ МЕСО: Вонредни контроли во Радовиш и Пепелиште

Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со вонредните инспекциски контроли, при што во Радовиш и во неготинското село Пепелиште биле одземени речиси два тони месо и месни производи. При контролите во малопродажни објекти во Радовиш биле откриени околу два тони свежо и замрзнато месо и подготовки од месо кои биле оценети како небезбедни. Дополнителни 50 килограми месни производи биле одземени од физичко лице во Пепелиште, кое произведувало и продавало димени производи и чварки преку социјалните мрежи.

Месото ќе биде уништено на депонијата „Дрисла“

Според Агенцијата за храна и ветеринарство, месото одземено во Радовиш ќе биде уништено на депонијата „Дрисла“. При контролата во Пепелиште биле одземени производи како печеница, кулен, димена сланина и други подготовки од месо. Физичкото лице немало одобрение од АХВ за вршење на дејноста производство на димени месни производи и чварки.

Производите од Радовиш  и Пепелиште биле без декларација и чувани во нехигиенски услови

Од Агенцијата информираат дека одземените производи немале декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови. Ваквите услови претставуваат сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите. Надлежните институции најавуваат продолжување на инспекциските контроли со цел спречување на нелегалното производство и прометот со небезбедна храна.