Македонија
Дознај прв
ОТПУШОК ОД ЦИГАРА НАЈВЕРОЈАТНО ЈА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАРНАТА ПАНИКА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“: Пациентите и персоналот беа евакуирани
Пожар во ортопедија во болницата „8 Септември“ предизвика евакуација. Нема повредени, а неколку пациенти добиле кислородна поддршка.

Отпушок од цигара најверојатно бил причина за пожарот што утринава предизвика паника и евакуација во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Инцидентот се случил во одделението за ортопедија, каде најпрво се проширил чад, а потоа избувнал и оган. Густиот чад за кратко време го исполнил одделението, поради што пациентите и вработените биле евакуирани. На терен пристигнале противпожарни екипи, а според сведоштво на пациент, паниката настанала откако бил забележан голем облак чад.
Пожарот започнал од инвалидски колички
Според сведок кој бил во близина, еден пациент наводно запалил цигара на количка и ја оставил, по што се појавил чад. Од болницата соопштија дека пожарот бил изгаснат со сопствената противпожарна опрема уште пред пристигнувањето на пожарникарите. Командирот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, потврди дека гореле инвалидски колички на тераса од болничка соба и дека на интервенцијата биле испратени четири противпожарни возила.
Нема повредени, штетата е незначителна
Од болницата информираат дека на местото на пожарот немало електрична ниту гасна инсталација, а материјалната штета е незначителна. Според првичните информации, можно е причината да бил отпушок од цигара, но точните околности сè уште се утврдуваат. Во пожарот нема повредени, но неколку пациенти кои биле изложени на густиот чад добиле кислородна поддршка. Центарот за управување со кризи потврди дека пожарот бил локализиран за кратко време, а сите пациенти и вработени се безбедни. Болницата продолжува со редовна работа.

