Македонија
Дознај прв
ОВА СЕ КАЗИНАТА ШТО ЌЕ МОРА ДА СЕ ЗАТВОРАТ: Објавена мапа на објекти во близина на училишта
Казината што ќе мора да се затворат се прикажани на мапа со објекти кои се наоѓаат во близина на училишта.

По усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа, во јавноста се појави интерактивна мапа која прикажува кои казина се наоѓаат во близина на училишта. Според законот, објектите во кои се приредуваат игри на среќа, казина, автомат-клубови и електронски игри, мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Мапата, објавена на веб-страницата 500m.vish.mk, го прикажува радиусот од 500 метри како пешачко растојание, а не како обичен круг околу училиштата. Според првичниот приказ, на мапата се означени 294 казина кои би можеле да бидат опфатени со новите ограничувања. Сепак, авторите нагласуваат дека мапата е информативна и не е официјален државен извор.
Што покажува мапата?
Во објавата се наведува дека дел од училиштата и објектите сè уште недостигаат, што значи дека реалната состојба може да биде уште посложена. Класификацијата и растојанијата се пресметани автоматски од приближни координати, па можно е да има грешки. Надлежните институции се тие што треба да утврдат дали конкретен објект го прекршува законот и дали мора да биде дислоциран или затворен.
Што предвидува новиот закон?
Новиот закон носи построги правила за локацијата и рекламирањето на игрите на среќа. Освен ограничувањето од 500 метри од училиштата, се воведува и задолжителен GPS-систем за следење на автоматите и VLT-апаратите. Се ограничува и рекламирањето, а јавни личности нема да смеат да учествуваат во реклами за коцкање. За спортските обложувалници важат посебни правила – тие може да продолжат со работа, но во близина на училишта не смеат да имаат електронски апарати за игри на среќа.
