Македонија

ПОБРЗИ СУДСКИ ПОСТАПКИ: Собранието го донесе новиот Закон за парнична постапка

Побрзи судски постапки се очекуваат со новиот Закон за парнична постапка, кој воведува електронска достава и онлајн рочишта.

ПОБРЗИ СУДСКИ ПОСТАПКИ: Собранието го донесе новиот Закон за парнична постапка

81 пратеник гласаше „за“

Собранието го донесе новиот Закон за парнична постапка со 81 глас „за“, 9 „против“ и без воздржани. Законот се смета за еден од клучните реформски чекори во насока на унапредување на правосудниот систем и негово усогласување со современите европски стандарди. Од Министерството за правда соопштија дека со новите решенија се создаваат услови за побрзи, поефикасни и поквалитетни судски постапки. Целта е да се обезбеди поголема правна сигурност и подобра заштита на правата на граѓаните и правните лица.

Електронска достава и онлајн рочишта

Новиот закон предвидува зајакнување на улогата на судот во утврдувањето на фактичката состојба, воведување современи дигитални алатки и поедноставување на постапките, особено кај споровите од помала вредност. Меѓу најзначајните новини се можноста за електронска достава на писмена и одржување судски рочишта преку електронски средства. Со тоа, според надлежните, треба да се намалат трошоците и времетраењето на постапките. Законот воведува и претставнички тужби за заштита на колективните интереси и права, како и поправедни и попропорционални санкции во текот на постапките.