Свет

ПОЧИНА „ШЕФОТ НАД ШЕФОВИТЕ“: Основачот на мексиканскиот картел Гвадалахара имаше 80 години

Мигел Анхел Феликс Гаљардо, познат како „Шефот над шефовите“ и основач на картелот Гвадалахара, почина на 80 години во болница во Мексико.

ПОЧИНА „ШЕФОТ НАД ШЕФОВИТЕ“: Основачот на мексиканскиот картел Гвадалахара имаше 80 години

Мигел Анхел Феликс Гаљардо, еден од најмоќните нарко-босови во историјата на Мексико и основач на картелот Гвадалахара, почина на 80-годишна возраст. Тој починал во неделата во приватна болница во Гвадалахара, каде што бил префрлен од затвор со максимална безбедност поради влошената здравствена состојба, соопштиле мексикански безбедносни претставници. Познат како „Кумот“ и „Шефот над шефовите“, Гаљардо се смета за еден од архитектите на современата трговија со дрога во Мексико. Во затвор се наоѓаше од 1989 година, кога беше уапсен, а неговата криминална империја во седумдесеттите и осумдесеттите години имаше силно влијание врз наркобизнисот во регионот.

Од полицаец до еден од најмоќните нарко-босови

Гаљардо е роден во 1946 година во Кулијакан, во мексиканската сојузна држава Синалоа. На почетокот работел како полицаец и телохранител на локален гувернер, пред да стане еден од највлијателните криминални водачи во земјата. Заедно со други соработници го основал картелот Гвадалахара, кој организирал транспорт на големи количества кокаин кон САД и воспоставил сојуз со колумбиски нарко-босови, меѓу кои и со картелот Меделин на Пабло Ескобар. Неговата мрежа се ширела преку корупција и користење лесни авиони за транспорт на дрога низ континентот.

Осуден и за убиството на агентот на ДЕА

По апсењето, Гаљардо бил осуден на 40 години затвор за трговија со дрога и поседување оружје. Подоцна се соочил и со судски процес за киднапирањето и убиството на американскиот агент на ДЕА, Енрике „Кики“ Камарена, и мексиканскиот пилот Алфредо Завала Авелар. Убиството на Камарена предизвикало дипломатски спор меѓу Мексико и САД, а во 2017 година мексикански суд му изрекол дополнителна казна од 37 години затвор, иако Гаљардо ја негирал одговорноста за убиствата. Неговата животна приказна, подемот и падот на криминалната империја беа прикажани и во серијата „Наркос: Мексико“ на Нетфликс, во која го глумеше мексиканскиот актер Диего Луна.

Жан Митрев