Регион
Дознај прв
ХАКЕРИ ГО КЛОНИРАЛЕ ПОРТАЛОТ НА БУГАРСКОТО МВР: Крадале пари преку лажни сообраќајни казни
Хакери клонирале портал на бугарското МВР и испраќаат лажни казни за пребрзо возење. Експерти предупредуваат на кражба на банкарски податоци.

Нова интернет-измама ги таргетира граѓаните во Бугарија, откако хакери направиле лажна копија на порталот за електронски услуги на бугарското Министерство за внатрешни работи. Преку пораки за наводно неплатени сообраќајни казни и пребрзо возење, измамниците се обидуваат да дојдат до личните и банкарските податоци на граѓаните и да повлекуваат пари од нивните сметки. Во пораките се наведува дека казната мора да се плати во рок од 48 часа, со предупредување за дополнителни санкции доколку уплатата не биде извршена. За да создадат дополнителен притисок, измамниците нудат и попуст за оние што ќе платат веднаш.
Лажниот портал изгледа речиси идентично како оригиналот
Измамничката веб-страница е направена така што речиси целосно наликува на официјалниот портал на бугарското МВР. Особено загрижувачки е што страницата генерира казна дури и кога ќе се внесе случаен број на регистарска табличка. Бугарското Министерство за внатрешни работи веќе предупредило за измамата преку своите официјални профили на социјалните мрежи.
Експертите предупредуваат да не се отвораат сомнителни линкови
Сајбер-експертите советуваат граѓаните внимателно да ја проверуваат интернет-адресата пред да внесат лични или банкарски податоци и да не отвораат сомнителни линкови. Доколку некој веќе ги внел податоците од својата платежна картичка, треба веднаш да ја блокира и да ја контактира банката за да спречи евентуална злоупотреба.
Извот – нова бг

