Економија
Дознај прв
ПОЕВТИН УВОЗ НА АВТОМОБИЛИ – Предложени измени што би донеле заштеди од неколку илјади евра
Предложени измени на Законот за данок на моторни возила предвидуваат пониски давачки за увоз на автомобили до 20.000 евра и ЕУРО 6 возила.

Во Собранието е поднесен предлог за измени на Законот за данок на моторни возила, со кој се предлага намалување на трошоците за увоз на нови и половни автомобили во Македонија. Независниот пратеник Миле Цеков предлага укинување на вредносната компонента на данокот, позната како „данок на луксуз“, за возила со вредност до 20.000 евра, како и ослободување од CO₂ давачката за автомобилите со еколошки стандард ЕУРО 6 или повисок.
Колку би се заштедило при увоз на автомобили?
Според пресметките наведени во предлогот, за автомобил вреден 15.000 евра со стандард ЕУРО 6, увозните давачки би се намалиле од сегашните 6.000 до 7.000 евра на околу 2.700 евра. Подносителот оценува дека трошоците за увоз во Македонија се повисоки во споредба со дел од земјите во регионот. Како дополнителни проблеми ги посочува царинското вреднување на возилата, при кое куповната цена понекогаш се зголемува при проценката, како и непризнавањето на сертификатот ЕУР.1 во одредени случаи.
Предлогот допрва треба да помине во Собранието
Целта на предложените измени е да се намалат трошоците за граѓаните, да се олесни набавката на понови автомобили и да се обнови возниот парк во земјата. Сепак, предлогот допрва треба да помине низ собраниската процедура, а дотогаш остануваат во сила постојните правила за пресметка на увозните давачки.

