Македонија

ПОРАСТ НА ЗАБОЛЕНИТЕ ОД ГРИП: Минатата недела пријавени 188 случаи, најмногу во Скопје, Куманово и Дебар

Во Македонија минатата недела се пријавени 188 случаи на грип, за 22 проценти повеќе од претходната. Во Клиниката „Козле“ хоспитализирани се околу 40 деца.

ПОРАСТ НА ЗАБОЛЕНИТЕ ОД ГРИП: Минатата недела пријавени 188 случаи, најмногу во Скопје, Куманово и Дебар

Сезоната на грип започна со зголемување на бројот на заболени, а само минатата недела во Институтот за јавно здравје биле пријавени 188 случаи, што е за 22 проценти повеќе во споредба со претходните седум дена. Една четвртина од заболените се деца до 14 години, а најмногу случаи се регистрирани во Скопје, Куманово и Дебар. Од ИЈЗ информираат дека зголемувањето е очекувано за овој период, но активноста на вирусот во земјава сè уште е на ниско ниво. Во текот на неделата лабораториски биле потврдени 17 случаи на грип, додека паралелно е присутен и коронавирусот.

Во Клиниката „Козле“ хоспитализирани околу 40 деца

Поради циркулацијата на повеќе вируси, матичните лекари бележат зголемен број пациенти со респираторни симптоми, меѓу кои воспаление на синусите, болки во грлото и продолжена кашлица. Матичниот лекар д-р Бојан Трајковски вели дека покрај инфлуенцата, присутен е и коронавирусот, а зголемувањето на заболувањата е очекувано со заладувањето и престојот во затворени простории. Според неговите процени, најголемиот бран на заболувања се очекува кон крајот на декември или почетокот на новата година. Во моментов, во Клиниката „Козле“ се хоспитализирани околу 40 деца со респираторни инфекции.

Досега вакцинирани 33.600 граѓани

На почетокот на сезоната на грип во Европа, Светската здравствена организација повика ризичните групи да се вакцинираат за да се намали ризикот од сериозни компликации. Во Македонија досега се вакцинирани околу 33.600 граѓани, а во моментов на располагање има уште 22.000 дози. Министерството за здравство планира да набави вкупно 80.000 вакцини, исто колку и минатата година.

ОЗНАКИ: ГРИП
Жан Митрев