Македонија
Дознај прв
ПРЕПОДОБЕН СИМЕОН СТОЛПНИК: Светителот кој 40 години стоел на столб и ги исцелувал болните со молитва
На 14 септември православните го празнуваат Преподобен Симеон Столпник, првиот столпник во христијанството и голем чудотворец.

Од селско семејство до прв столпник во христијанството
Денеска, 14 септември, православните верници го празнуваат споменот на Преподобен Симеон Столпник, еден од најпознатите подвижници во христијанството. Родум бил од Сирија, од семејство на селани, а уште на 18-годишна возраст ги напуштил родителите и се замонашил. Симеон се посветил на строг подвиг, постел и по 40 дена, а потоа започнал да живее на столб, во непрестајна молитва. Неговиот столб со текот на времето бил зголемуван, од првичните шест лакти до височина од 40 лакти.
Илјадници доаѓале кај Преподобен Симеон Столпник за помош и исцелување
Според преданието, светителот претрпел бројни искушенија и напади од демоните, но ги победувал со молитва и вера во Бога. Околу неговиот столб доаѓале луѓе од сите краишта, од сиромашни и болни до цареви и други угледни личности, а Симеон им давал утеха, поука и молитва. Се верува дека со молитва исцелил многу болни, а меѓу оние што ги привел кон Православието била и царицата Евдокија, која ја напуштила Евтихиевата ерес. Мајка му Марта двапати дошла да го види, но тој не ја примил, велејќи ѝ дека доколку се удостојат, ќе се сретнат во другиот свет. Преподобен Симеон Столпник живеел 103 години и се упокоил во Господ на 14 септември 459 година, а неговите мошти подоцна биле пренесени во Антиохија, во црквата посветена на неговото име.

