Скопје
Дознај прв
СКОПЈЕ ПОДАВА РАКА: Градот ќе испрати 1,2 милиони денари помош за Венецуела по земјотресот
Град Скопје ќе додели финансиска помош за Венецуела од 1,2 милиони денари по земјотресот, како чин на солидарност и поддршка.

Град Скопје ќе додели финансиска помош во висина од 1.200.000 денари за справување со последиците од земјотресот во Венецуела. Информацијата ја објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој порача дека Скопје е град на солидарноста и добро знае што значи болка по разорен земјотрес. Тој потсети дека по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје не останало само, туку добило поддршка од народи од целиот свет. Меѓу земјите кои тогаш подале рака била и Венецуела, а Ѓорѓиевски истакна дека Скопје тоа не го заборава.
Скопје памети и возвраќа со солидарност
Во објавата, градоначалникот нагласи дека помошта е чин на човечност, почит и поддршка кон пријателскиот народ на Венецуела. Според него, денес, кога граѓаните на Венецуела се соочуваат со последиците од земјотресот, Скопје возвраќа со солидарност. Градот изразува длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакува брзо закрепнување.
Град изграден од помошта на светот
Ѓорѓиевски порача дека Скопје било изградено од солидарноста на светот, меѓу кои била и Венецуела. Токму затоа, како што вели, денес Скопје има обврска да покаже човечност кога некој друг минува низ тешки моменти. „Скопје памети. Скопје сочувствува. Скопје помага“, стои во неговата објава.

