Македонија
Дознај прв
ТРИ ЛЕКА ПРОТИВ ЗГРУТЧУВАЊЕ НА КРВТА ВЛЕГОА НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА: Пациентите ќе плаќаат само партиципација
Три лекови против згрутчување на крвта влегоа на позитивната листа, а пациентите ќе ги земаат со рецепт од специјалист и партиципација.

Од 1 јули, три нови лекови против згрутчување на крвта се вклучени на позитивната листа на лекови – еноксапарин, надропарин и ривароксабан. Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, лековите веќе се достапни во аптеките и ќе се издаваат со рецепт од лекар специјалист. Пациентите наместо досегашните суми кои се движеа од 1.100 до 2.700 денари, сега ќе плаќаат само партиципација од 160 до 240 денари.
Големо олеснување за пациентите
За еноксапаринот ќе бидат достапни два бренда, за надропаринот еден бренд, додека за ривароксабанот во почетната фаза ќе биде достапен еден бренд. Овие антикоагуланси досега се обезбедуваа преку рефундација, но со вклучувањето на позитивната листа, постапката за пациентите ќе биде поедноставна и поевтина. Лековите ќе се земаат по препорака и рецепт од специјалист, со цел терапијата да се користи таму каде што навистина има медицинска потреба.
Ќе има построга контрола
Клековски посочи дека постои претерана употреба на дел од лековите против згрутчување на крвта, поради што ќе треба да се утврдат појасни индикации за нивно препишување. Конечната одлука дали пациентот треба да ја добие терапијата ќе ја носи лекарот специјалист. Еноксапаринот и надропаринот и понатаму ќе се користат во болнички услови, но сега ќе може да се користат и како продолжение на болничкото лекување во домашни услови. Според Клековски, процесот бил најавен уште минатата година, но бил одложен поради административни причини.
