Македонија
Дознај прв
ПАДНА ГРУПА ОСОМНИЧЕНА ЗА ШВЕРЦ НА ЛЕКОВИ: Полицијата претресува на повеќе од 10 локации
Голема полициска акција во Скопје, Чаир, Тетово и Гевгелија. Уапсени шест лица, претреси на повеќе од 10 локации поради шверц на лекови.

Голема полициска акција е во тек на повеќе локации во Скопје, Чаир, Тетово и Гевгелија, во рамки на истрага против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи. Според првичните и неофицијални информации, досега се уапсени шест лица, а полицијата трага по уште неколкумина. Меѓу осомничените, според информациите, има и лица вработени во Царинската управа. Полициски екипи вршат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Гевгелија.
Пронајдени магацини со лекови
При претресите во правни субјекти во Скопје и Тетово биле пронајдени магацини со различни медицински лекови, а во еден од објектите била пронајдена и машина за екстракција на масло. Во акцијата постапува Одделот за сузбивање на организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР.

Истрага и за поткуп и перење пари
Според досегашните информации, истрагата опфаќа сомненија за криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп, како и перење пари. Акцијата сè уште е во тек, а се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции за бројот на приведените лица, пронајдените предмети и кривично-правната квалификација на делата.
