Магазин

ТЕМПЕРАТУРИТЕ НАУТРО ПАДНАА ПОД НУЛАТА: Најладно утрово во Берово

ТЕМПЕРАТУРИТЕ НАУТРО ПАДНАА ПОД НУЛАТА: Најладно утрово во Берово

Македонија влегува во повеќедневен период на стабилно и суво време под влијание на висок воздушен притисок. Утринските температури на почетокот на октомври се спуштија под нулата, а во Берово денеска се измерени -1,9 степени Целзиусови. Во следните денови се очекуваат ведри утра и значително потопли сончеви денови, со температури кои до почетокот на следната недела ќе достигнат до 27 степени.

Утринските температури паднаа под нулата

Мерењата во 8 часот покажале значителен пад на температурите, особено во планинските и источните котлини. Покрај Берово, студено утро е регистрирано и во Маврови Анови со 2,5 степени, на Попова Шапка со 2,8 и во Струмица со 4,1 степен. Во Скопје, Петровец измерил 4,2, а Зајчев Рид 7,4 степени. Највисока утринска температура била измерена во Виница – 12,7 степени.

Викендот носи студени утра

Во петок се очекува ведро и студено утро, а во текот на денот сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во сабота утринските температури ќе се движат од -1 до 9 степени, додека дневните ќе достигнат од 17 до 25 степени. Во недела дневниот максимум ќе достигне 26 степени, но утрото повторно ќе биде студено, со температури до еден степен под нулата на одредени места.

Почетокот на следната недела со до 27 степени

Стабилното време ќе продолжи и во понеделник, 5 октомври. Утринските температури ќе се движат од -2 до 8 степени, додека дневните ќе бидат во пораст и ќе достигнат од 20 до 27 степени. Ветерот ќе ослабне и ќе дува слаб северен ветер.

Извор: Трн