Македонија
Дознај прв
ТРУЕЊЕ СО ХРАНА ВО ФАБРИКА ВО ШТИП: Шестмина работници завршиле на лекување
Труење со храна во фабрика во Штип пријавиле шестмина работници, а кујната е времено затворена по вонреден надзор.

Шестмина работници во фабрика лоцирана во ТИРЗ-зоната во Штип пријавиле труење со храна, откако по консумирање оброк се пожалиле на стомачни тегоби. Според информациите на ТВ 24, пријавите биле поднесени на 8 јули во Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје – Штип. Првично, четворица работници биле хоспитализирани на инфективното одделение во штипската болница, додека двајца се јавиле кај матичен лекар. Денес сите шестмина се на домашно лекување, а надлежните ја следат нивната состојба.
Земени мостри и брисеви за анализа
Стручни лица од Центарот за јавно здравје излегле на увид кај операторот со храна, каде разговарале со одговорните лица и издале препораки и мерки. Наложено било генерално механичко чистење на просториите, извршени се санитарни прегледи на вработените, а земени се мостри за микробиолошка анализа и брисеви од работните површини. Од Агенцијата за храна и ветеринарство информирале дека резултатите од лабораториските тестирања сè уште не се официјално добиени.
Кујната времено затворена
АХВ спровела вонреден инспекциски надзор во кујната каде се послужувала храната и констатирала помали отстапувања во хигиената. Поради тоа, на операторот и на одговорното лице им била изречена парична казна, а кујната е времено затворена до отстранување на утврдените недоследности. Според неофицијални информации на ТВ 24, истиот ден имало внес на храна и од друго место, што дополнително ја усложнува епидемиолошката анкета и откривањето на причинителот.
