Скопје

(ВИДЕО) СКОПЈЕ ДОБИ СПОМЕН-БИСТА НА ГАНДИ: Неговата порака му припаѓа на целото човештво

Во Музејот на Град Скопје беше откриена спомен-биста на Махатма Ганди, како симбол на пријателството и почитувањето меѓу Македонија и Индија.

(ВИДЕО) СКОПЈЕ ДОБИ СПОМЕН-БИСТА НА ГАНДИ: Неговата порака му припаѓа на целото човештво

Во Музејот на Град Скопје денеска свечено беше откриена спомен-биста на Махатма Ганди, духовниот водач на индиската борба за независност. На церемонијата присуствуваа претседателката на Индија, Драупади Мурму, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Пораката на Ганди му припаѓа на целото човештво

Индиската претседателка истакна дека Ганди ѝ припаѓал на Индија, но неговата порака за вистината и ненасилството му припаѓа на целото човештво. Таа нагласи дека неговиот живот покажал оти овие вредности не се знак на слабост, туку моќни средства за постигнување правда, слобода и достоинство.

Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека промената што сакаме да ја видиме во светот треба да започне од нас самите. Таа посочи дека желбата за слобода претставува вековен идеал и на индискиот и на македонскиот народ.

Скопје ги поврзува Ганди и Мајка Тереза

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски нагласи дека церемонијата има посебна симболика бидејќи се одржува во Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза. Со поставувањето на бистата, главниот град доби ново обележје посветено на една од највлијателните личности во светската историја.

Спомен-бистата треба да претставува траен симбол на пријателството и меѓусебното почитување меѓу Македонија и Индија. Нејзиното откривање беше дел од официјалната посета на индиската претседателка Драупади Мурму на земјава.

 

 

Жан Митрев