Македонија
Дознај прв
Вработен на Тетовскиот универзитет осомничен дека присвоил речиси 55.000 евра
Вработен на Универзитетот во Тетово е осомничен дека фалсификувал студентски уплати и присвоил повеќе од 3,3 милиони денари.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против вработен на Универзитетот во Тетово, поради сомнение дека присвоил пари што студентите му ги давале за плаќање партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање.
Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство во Тетово, а лицето се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправи.
Парите не ги уплаќал на сметката на Тетовскиот универзитет
Според Финансиската полиција, пријавениот А.З. од март 2020 до февруари 2023 година работел како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење.
Наместо парите што студентите му ги доверувале во готовина да ги уплати на сметката на Универзитетот преку системот „Е-pay“, тој наводно ги задржувал за себе.
На овој начин, според пријавата, биле присвоени 3.362.272 денари, со што буџетот на Универзитетот во Тетово бил оштетен за сума од речиси 55.000 евра.
На студентите им давал фалсификувани потврди
За да го прикрие присвојувањето, осомничениот наводно изработувал лажни потврди за уплати преку апликацијата „Е-pay“ и им ги давал на студентите како доказ дека парите биле уплатени.
Според Финансиската полиција, тој користел податоци и QR-код од вистинска потврда за уплата извршена со банкарска картичка на неговата сестра, а потоа ги менувал податоците за уплаќачот, сумата и датумот.
Студентите, верувајќи дека нивните обврски биле платени, ги прикачувале фалсификуваните потврди во електронскиот систем и ги доставувале до студентската служба.
