Македонија
Дознај прв
Започна официјалната посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму
Индиската претседателка Друпади Мурму ја започна историската посета на Македонија со средби за економија, образование и инвестиции.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Индија, Друпади Мурму. Станува збор за прва официјална посета на индиски претседател на Македонија, која беше оценета како историски момент во односите меѓу двете земји.
Разговори за економија, образование и дигитализација
По тет-а-тет средбата на двете претседателки се одржа и пленарен состанок на македонската и индиската делегација. Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на соработката во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.
Соговорничките разговарале и за актуелните глобални состојби, при што ја нагласиле важноста на почитувањето на меѓународното право и мирното решавање на споровите. Сиљановска-Давкова оцени дека посетата претставува важен исчекор кон проширување и зајакнување на македонско-индиското партнерство.
Македонија како можност за индиските инвеститори
Македонската претседателка посочи дека геостратешката положба на земјава, инфраструктурните коридори и пристапот до европскиот пазар можат да бидат од особен интерес за индиските инвеститори. Како темели за нова ера во односите ги истакна заедничкото наследство поврзано со Света Мајка Тереза и искуството од Движењето на неврзаните.
Друпади Мурму изјави дека нејзината прва посета на Македонија е историски момент и изрази подготвеност за нова динамика во партнерството меѓу двете држави. Двете претседателки се согласиле дека политичкиот дијалог и поголемата меѓуинституционална соработка се клучни за натамошно продлабочување на односите.
