Регион

ХОРОР ПРЕД АКРОПОЛ: Маж со нож нападна двајца американски туристи

Маж со нож нападна двајца американски туристи пред Акропол во Атина. Повредените се пренесени во болница, а напаѓачот е уапсен.

ХОРОР ПРЕД АКРОПОЛ: Маж со нож нападна двајца американски туристи

Двајца туристи биле повредени во напад со нож што утрово се случил пред јужниот влез на Акропол во Атина, во близина на музејот и билетарницата. Полицијата добила пријава во 8:03 часот дека вооружен маж им се заканува на минувачите на една од најпосетуваните туристички локации во Грција.

Нападнати без претходна провокација

По пристигнувањето на местото, полициските службеници утврдиле дека напаѓачот без претходна провокација нападнал маж и жена, американски туристи на возраст од 53 и 48 години. Жената се здобила со сериозна повреда на ногата, додека мажот бил повреден во пределот на раката.

Екипа на итната медицинска помош веднаш пристигнала и им укажала прва помош на повредените. Тие потоа биле пренесени во болница, а според грчките медиуми двајцата се наоѓаат надвор од животна опасност.

Осомничениот уапсен од полицијата

Напаѓачот бил совладан и уапсен од припадници на атинската полиција. Станува збор за 60-годишен грчки државјанин, кој и претходно бил приведуван поради навреди и поседување нож.

Според објавените информации, тој во минатото двапати бил упатуван на лекување во психијатриски установи. Се тврди и дека наредба за негово присилно сместување од 2022 година не била спроведена бидејќи полицијата не успеала да го пронајде.

Истрагата треба да ги утврди сите околности и мотивот за нападот, кој предизвика вознемиреност меѓу туристите и минувачите во центарот на Атина.