Македонија

147 ПЕНЗИОНЕРИ ДОБИВААТ ПАРИ ОД ВТОРИОТ СТОЛБ: Најголемиот дел се корисници на минимална пензија

Вкупно 147 пензионери веќе добиваат исплата од вториот пензиски столб, а просечниот месечен износ достигнува 9.878 денари.

147 ПЕНЗИОНЕРИ ДОБИВААТ ПАРИ ОД ВТОРИОТ СТОЛБ: Најголемиот дел се корисници на минимална пензија

Парите што граѓаните со години ги издвојувале на индивидуалните сметки во вториот пензиски столб веќе почнуваат да им се исплаќаат како дел од пензијата. Според податоците на МАПАС, со состојба до 30 јуни 2026 година, исплата од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување добиваат вкупно 147 пензионери.

Просечната исплата изнесува 9.878 денари

Во текот на јуни на овие корисници им биле исплатени вкупно 1.452.089 денари, додека просечната месечна исплата изнесувала 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на корисниците е 22 години, а просечната пензиска основица изнесува 38.880 денари. Од вкупниот број корисници, 113 лица, односно 77 проценти, се приматели на минимална пензија. Кај нив средствата од личните сметки се користат за обезбедување на минималниот законски износ на пензијата.

Подолгото членство ќе носи повисоки исплати

Пензија над минималната примаат 34 лица, за кои од индивидуалните сметки во јуни биле исплатени 303.066 денари. Од МАПАС посочуваат дека висината на исплатата зависи од должината на членството во вториот столб, висината на придонесите, приносите остварени од инвестирањето и избраниот начин на исплата. Бидејќи системот сè уште постепено созрева, се очекува идните пензионери со подолг работен век и подолго членство да имаат повеќе акумулирани средства и повисоки месечни исплати.