Македонија
Дознај прв
ДЕНЕСКА НОВО РОЧИШТЕ ЗА „ПУЛС“: Обвинителството ќе презентира листинзи од телефонска комуникација
Судењето за Пулс продолжува во „Идризово“, каде Обвинителството ќе презентира листинзи од телефонска комуникација.

Продолжува изведувањето на материјални докази
Со изведување на материјални докази од Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
Станува збор за трагедијата во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Како што е најавено, Обвинителството денеска треба да презентира листинзи од телефонска комуникација.
Со тоа, од материјалните докази предложени од Обвинителството ќе остане уште изведување на градежно вештачење и произнесување на вештите лица.
На претходното рочиште беа презентирани записници од претрес, потврди за привремено одземени предмети, дописи, известувања и записници од СВР Штип, како и документи поврзани со инспекциски надзори.
Одбраната најави свои докази и вештачења
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова претходно истакна дека станува збор за сложен кривично-правен настан со бројни докази кои се при крај на изведување.
Таа посочи дека доказите се однесуваат на околностите поради кои во настанот последиците биле 63 починати лица и тешки телесни повреди кај повеќе од 200 лица.
По завршување на доказите на Обвинителството, материјални докази и сведоци треба да изведува и одбраната.
Одбраната најавила и две вештачења.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

